НУ Центар за култура-Битола промовира Зборник на трудови и програма за новото издание на семинарот за традиционална музика и игра што се одржува во рамки на фестивалот „Илинденски денови“.

Учесниците од повеќе македонски градови ќе учат народно пеење, свирење на тапан, народна игра и изучување на специфични македонски ора кои се потешки за играње.

Семинарот за традиционална музика и игра се одржува по 13 пат и публицирал исто толку зборници на трудови. Семинарот директно помага во областа на етнокореологијата, етномузикологијата и етнологијата. Овие теми и зборници со трудови имаат голема помош во нашата работа и се вистинска новина која досега ја немаше. Тоа е за голема пофалба за Фестивалот „Илинденски денови“ кој овозможи да се создаде една база на податоци која помага во областа на фолкористиката и сценските презентации за културно уметничките друштва.

Во Зборникот чиј издавач е НУ Центар за култура-Битола, застапени се научно стручни трудови на професори од Универзитет „Гоце Делчев“-Штип, Институт за фолклор „Марко Цепенков“-Скопје, како и професионалци кои се занимаваат со фолклор и етнологија вработени во национални установи во Битола, Гевгелија и Куманово.

-Семинарот за традиционална музика и игра се одржува секоја година и е посветен на младите генерации кои го наследуваат фестивалот затоа што учат од врвни познавачи на фолклорот. А, фолклорот е многу повеќе од песна и игра, фолклорот е наука во која се вложува со векови. Јас се надевам дека на семинарот учесниците ќе уживаат, соработуваат и ќе се едуциираат, затоа што тоа што ќе се научи може и треба да се пренесува како стекнато знаење, рече меѓудругото Маја Андоновска Илијевски, директорка на битолскиот Центар за култура.


За време на семинарот во Битола ќе биде презентирано истражување на тема „Состојбите, проблемите и перспективите на фолклорната дејност во услови на панедмија“ чиј автор е м-р Валентин Соклевски.