Општина Делчево почна со имплементација на меѓународен стандард за квалитет. Целта на имплементација на стандардот, како што информираат од Општината, е воведување ефикасни јавни услуги за потребите на граѓаните и стопанството.

-Во таа насока, деновиве е потпишан Договор за имплементација на системот за менаџмент со квалитет согласно барањата на стандардот ISO 9001:2015 со консултантската куќа „Еуромак Контрол“. Во наредниот период, ќе се направи анализа и оценка на постоечките процеси и нивната поврзаност, идентификација на разликите помеѓу постоечката состојба и барањата на стандардот, дефинирање на контекстот на општината и нејзините процеси, како и изработка на комплетна документација која ја бара стандардот, притоа користејќи ја постоечката документација на Општина Делчево со која се реализираат самите активностите, истакнаа од општината.

Со имплементирањето на меѓународните стандарди во работењето на Општината, како што додадоа, ќе се овозможи создавање на современа инфраструктура и ефикасни јавни услуги за потребите на јавниот и приватниот сектор.

-Имплементирање на ISO 9001:2015 во работењето на Општина Делчево ќе овозможи идентификување и навремено реализирање на потребите и очекувањата на граѓаните, со што на ефективен и ефикасен начин се реализираат, одржуваат и подобруваат општите перформанси и можности за одржлив развој на Општината. Истовремено, ќе се овозможи зајакнување и промовирање на релациите на партнерства меѓу јавниот и приватниот сектор, искористување на локалните ресурси, како и развивање на образованието, културата, спортот и заштитата на животната средина во насока на подобрување на квалитетот на живеење, додадоа од Општината.

По имплементацијата, како доказ за успешно имплементиран систем за квалитет, од општината додадоа дека следува процес на сертификација на системот меѓународно признато сертификациско тело.