Градоначалникот на Општина Кратово, Љупчо Бојаџиев, ги награди со дводневна екскурзија највредните и најуспешни поединци, ученици кои учествувале на бројни општински, регионални и државни натпревари и покажале одлични резултати во учебната 2020/21 година.

-Патувањето на дваесет ученици од основно општинско училиште „Кочо Рацин“ и средно општинско училиште „Митко Пенџуклиски“, Кратово се организираше врз основа на подготвена програма од страна на професорот Младен Мицевски, со што првиот ден беше опфатена посета на: националниот парк Маврово, Мавровско езеро, преубавиот Бигорски манастир „Св.Јован Крстител”, прекрасните пејзажи покрај течението на реката Радика и главното туристичко место во летниот период, Охрид, вклучен во светското наследство на УНЕСКО. Учениците вториот ден уживаа на Охридското крајбрежје, разгледување на манастир „Св.Јован Богослов Канео”, манастир „Св.Климент – Плаошник”, староградската архитектура, прошетка низ охридската чаршија. Сите ученици заедно, здружени и насмеани, другаруваа на патувањето, информираат од службата за комуникација со јавност на Општина Кратово.

Порачуваат учениците да продолжат да го трасираат својот пат исполнувајќи го со нови знаења што ќе ги донесе до нови успеси, што и во иднина ќе биде забележано и наградено како поттик за уште поголеми достигнувања.ид/лв/