Претседателот на Собранието на Србија, Ивица Дачиќ, изјави денеска дека одлуката на високиот претставник во БиХ за забрана за негирање геноцид е „потег што иритира” и предизвикува поделби.
– Тој потег не е добар затоа што е иритирачки и предизвикува поделби. Оваа одлука е насочена против интересите на српскиот народ затоа што утврдува обврска дека сите мора да тргнуваат од фактот дека српскиот народ е геноциден, изјави тој за белградски медиуми.
Во петокот, високиот претставник во Босна и Херцеговина, Валентин Инцко, воведе измени и дополнувања на Кривичниот законик на БиХ, со кои се забранува и казнува негирање геноцид, а оние што ќе го сторат тоа може да бидат осудени на затворска казна до пет години.
Претседателите на парламентарните партии од Република Српска на вчерашната средба одлучија од утре да не учествуваат во работата на заедничките институции на Босна и Херцеговина поради одлуката на високиот претставник Валентин Инцко.
Српските претставници засега нема да се повлекуваат од институциите на БиХ, но „нема да дејствуваат во нив, бидејќи сметаат дека немаат услови за тоа”.