Зголемен е бројот на повици последниве неколку дена во Итна помош Куманово, информираа денеска лекарите од оваа здравствена установа. Службата за итна помош Куманово регистрира за дваесет проценти, зголемен број на интервенции, откако температурите последниве денови се искачија над 35-тиот степен.
Лекарите препорачуваат да не се излегува надвор во периодот од 10 до 17 часот, престојот на отворено да се сведе на минимум, да се најде можност да се оди под сенка. Граѓаните треба да носат светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце заштитни очила и капа и да се користи крема со висок заштитен фактор. Хронично болните редовно да ја користат терапијата, а генерално граѓаните да внесуваат поголема количина течност, особено вода, да консумираат лесна храна базирана на овошје и зеленчук.
– Во овој период често ни се јавуваат пациенти кои имаат симптоми на зголемен крвен притисок, повраќање и гадење, изјави раководителот на Итна помош Марјан Спирковски.
Периодов зачестиле и повиците на пациенти кои бараат помош за цревни заболувања.
– Симптомите се дијареја, општа малаксаност, гадење, повраќање, вртоглавица-вели, доктор Спирковски.
Високото ниво на лична хигиена, обилно миење на овошјето и зеленчукот, правилно чување на храната се превентивните мерки за заштита од ова заболувања, советуваат лекарите. Што се однесува до лицата кои патуваат на одмор од кумановската Итна помош посочуваат дека граѓаните треба со себе да носат вода, да прават чести паузи под сенка.ам/оџ/