Три образовни институции од Делчево добија средства од Министерството за образование и наука за реализација на инфраструктурни проекти кои ќе овозможат подобри и современи услови за одвивање на наставата и престој во училиштето.
– Според резултатите од јавниот повик што ги објави МОН, со пари од Министерството ќе се финансиираат проектите за реконструкција на санитарните јазли во Општинското основно училиште „Ванчо Прке“ и во Средното општинско училиште „М.М.Брицо“, додека во деветолетката „Св.Климент Охридски“ ќе се реализира проектот за адаптација на поткровниот простор, информираа од Општината.
Јавниот повик беше како што додадоа е објавен со цел да се подобрат условите и квалитетот на образованието, а средствата за оваа намена ќе се обезбедат од буџетот на МОН преку постапка за јавна набавка спроведена од Министерството.
Од општината додадоа дека претходно делчевското основно училиште „Ванчо Прке“ од Владата на РСМ преку договорот со ТАВ доби 5,1 милион денари за изградба на енергетско ефикасна фасада на училиштето.
– Фасадата на училиштето не е реконструирана од неговото отворање во 1972, а изградбата на енергетско-ефикасна фасада е приоритетен проект за нашето училиште и значи нов лик на зградата, но и заштеда на енергија и на повеќе средства во буџетот на училиштето кое сега ги троши за затоплување, додадоа од Општината.
Средствата за реконструкција на фасадата на училиштето се обезбедени од пренамена на средства за изградба на карго-аеродромот во Штип, а врз основа на анализа за проценка на економска оправданост.