Основното училиште „Климент Охридски“ од Миравци се најде на ранг листата на училишта кои по завршениот јавен повик, од страна на Министерството за образование и наука ќе добијат средства за реновирање на училишните објекти.
Од училиштето денеска соопштија дека средствата ќе ги искористат за реконструкција на покривот од источното крило на училишната зграда.
-Со реализација на овој проект значително ќе ги подобриме условите за престој на учениците, токму во делот на училиштето кое прокиснуваше при обилни дождови, а влагата во училниците од горниот кат предизвика големи штети на ѕидовите, рече директорката Васка Ефтимова, која нагласи дека на вториот училиштен кат моментно се монтира нова одводна инсталација и се опремуваат санитарните јазли со нови плочки.
Покрај ова, рече Ефтимова, со финансиски средства од сопствениот буџет, веќе е изработен и проектот за реконструкција на покривот во подрачното училиште „Ристо Динев“ во селото Милетково.