Излезе од печат новиот број на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“, прв за 2021 година. Овој прв број годинава тематски е посветен на одбележување на 100-годишнината од раѓањето на великаните Блаже Конески и Коле Чашуле.
Во рубриката „Разговор со Конески“ се објавени прегледи, студии, осврти и сеќавања на творештвото и на ликот на Конески од авторите: Катица Ќулавкова, Санде Стојчевски, Димитар Пандев/Марија Пандева, Миле Спирковски, Игор Поп Трајков и од Снежана Каратошеска. Застапена е и поезија и проза на повеќе автори кои со почетните текстови му се обраќаат на Конески и на неговото дело: Христо Петрески, Филиз Мехметоглу, Весна Ацевска, Љубица Трајкоска, Мирјана Недева и Тања Аждаја.
Во рубриката „Дијалози со Чашуле“ читателите може да ги прочитаат: првпат и постхумно објавениот расказ на Коле Чашуле „Незабошотеното кафе“, потоа анализите и записите за неговото драмско творештво од авторите Ацо Гогов, Ана Стојаноска, Иво-Митев-Жиле и Каролина Мицевска, како и книжевните текстови инспирирани од неговите лик и дело од Сузана Ѓорѓиевска и Сашо Димоски.
Рубриката „Поезија на летниот број“ го претставува поетскиот циклус „Поле на волшепства“ на поетот, академик, Влада Урошевиќ.
Во рубриката „Златен венец на Струшките вечери на поезијата“ е застапена поезијата на годинашниот лауреат, поетесата Керол Ен Дафи.
Рубриката „Препеви, преводи“ донесува прва објава на македонски јазик на поезијата на реномираниот турски поет Метин Елоглу, во препев на Филиз Мехметоглу, како и песни од новиот италијански глас, младиот поет Џерардо Масучо, препеани од Наташа Сарџоска.
Во рубриката „Критики, есеи, студии“ е објавен есејот „Силјан Штркот како втемелувачки национален наратив“ на Елизабета Шелева во кој се изнесени согледувања, книжевни и вонкнижевни паралели помеѓу текстовите на Марко Цепенков и Митко Маџунков и на македонската актуелна стварност (на егзистенцијален и идентитетски план).
Списанието „Стремеж“ го издава прилепскиот Центар за култура „Марко Цепенков“ со поддршка на Министерството за култура.