Кичевската коњаница „Пресвета Богородица Пречиста" утринава го започна Илинденскиот марш од манастирот чие име и го носи.

Во нивна чест во манастирот беше отслужена Света Божествена литургија од страна на отец Макариј, потоа коњаниците положија свечена заклетва и го избраа предводникот на коњаницата Петар Велевски од Сопотница, кој по петти пат е дел од оваа коњаница.

-По седми пат Кичевската коњаница „Манастир Пресвета Богородица Пречиста" ќе биде учесник на Илинденскиот марш. Тринаесет коњаници ќе го изодат патот до Илинденско Крушево. Патот го започнаа утринава од дворот на манастирот каде во нивна чест беше отслужена Света Божествена Литургија, положена комитска заклетва, а Петар Велевски од село Сопотница беше избран за годинашен војвода, што ќе ја предводи коњаницата по целиот пат до Крушево, рече Станоја Станојоски, основоположник на Кичевската коњаница.

Тој ја посочи маршрутата по која ќе се движат коњаниците и хронологија како таа ќе изгледа.

-Кичевската коњаница од манастирот „Пресвета Богородица Пречиста" ќе се упати кон Кичево, а на влез во градот ќе се спои со Мавровско –Горнореканската коњаница и заедно ќе продефилираат низ градот и ќе го посетат црковниот храм „Свети Петар и Павле", каде ќе добијат благослов од свештенството и ќе го продолжат патот кон селата Другово, Пополжани, Видрани, Брждани и Свињишта и околу 20:30 часот ќе пристигнат во селото на Пиперката, Козица, каде ќе биде организиран пречек за комитите и организирана општонародна веселба, рече Станојоски и наведе дека до пристигнување во Крушево, коњаниците ќе ноќеваат во Сопотница во манастирот „Свети Атанасиј ", потоа во село Журче во манастирот „Свети Илија", по што ќе пристигнат во Крушево каде ќе учествуваат во дефилето на одбележувањето на големиот празник Илинден.