Припадници на територијалните противпожарни единици од Кочани, Виница и Штип рано изутрината ги локализираа двата пожара во кочанскиот регион, кои зафатија борова шума и земјоделско земјиште.
Во огнената стихија на падините на Осогово над Кочани изгореа околу 100 хектари зимзелена шума и нискостеблести растенија, а кај селото Тркање на иста површина оштетени се земјоделски насади и млада шума.
-Натчовечки напори вложивме во текот на ноќта за да го спречиме ширењето на огнот кој стигна на неколку стотини метри од првите куќи во Кочани. Слично беше и кај селото Тркање, каде успеавме да го спречиме ширењето кон селото Бели и да спасиме десетици хектари засеани со лешници. Во интервенциите на двете локации ни помогнаа колегите од соседните градови, но и вработени во подружницата на „Национални шуми”, од комуналното претпријатие „Водовод”, како и месно население. Висината на штетата допрва ќе се утврдува, но најважно е што огнот не навлезе во населените места и во градот, истакна Благој Паунов, командир на ТППЕ – Кочани.
Мобилна екипа од пожарникари и од други јавни институции сè уште е дежурна на теренот за да се спречи ново разгорување на огнот.
Увидот на терен покажал дека пожарот кај Тркање настанал по паѓање на жица од далновод за електрична енергија, а огнот во близина на Кочани е подметнат, иако првичните претпоставки беа дека е предизвикан од гром.