Петмина пациенти со Ковид-19 на возраст од 51 до 81 година се хоспитализирани во модуларната болница во Прилеп. Тоа е половината од 10-те активни случаи во моментов во градот.

Според Кети Смилеска, директор на Општата болница со проширена надележност, хоспитализираните се заразиле на патување и сите се невакцинирани.

– Петте хоспитализирани на возраст од 51 до 81 година се со средна клиничка слика, од кои тројца се на кислородна поддршка. Тројца од пациентите се од едно семејство и се заразиле при патување во друг град. Петте хоспитализирани се невакцинирани што го зголемува апелот за вакцинација како единствено решение за коронавирусот. Досега не се знае од кој сој се заразени, се чека на анализите, вели Смилеска.

Надлежните го очекуваат новиот бран, но се надеваат дека нема да биде голем, а тоа зависи од интензитетот на вакцинацијата.

– Во Прилеп има голем интерес за вакцинација, како што почна при отворањето на регионалниот пункт, па досега. Досега се вакцинирани над 33 000 граѓани од кои над 10 000 се со втора доза. Се надевам новиот бран нема да биде голем, а тоа зависи од процесот на имунизацијата на населението, вели Смилеска.


Администратор
30/07/2021 15:34