Новиот меѓународен висок претставник во БиХ Кристијан Шмит пристигнува денеска во Босна и Херцеговина, а на 1 август ќе ја преземе должноста од неговиот претходник, Австриецот Валентин Инцко.
Во пресрет на неговото пристигнување, Шмит изјави дека патот на БиХ кон ЕУ и нејзината трансформација во демократска земја подразбира дека во таа земја не смее да има етничка ориентација, нагласувајќи дека идеите за нарушување на територијалниот интегритет на Балканот се неодржливи.
– Доаѓам во БиХ како политичар, а не како дипломат. Пред сè, морам да истакнам дека излетите направени во последниве години, како што се размена на територии како еден вид решение или начин за смирување на потенцијалните конфликти на Западен Балкан, не важат. Таквата идеја, едно малцинство да биде заменето со друго, не е одржлива, нагласи Шмит во интервју за Дојче веле.
Според него, поради тоа не може ни да стане збор за нарушување на територијалниот интегритет или размена на територии на државите од Западен Балкан.
Коментирајќи ја одлуката на неговиот претходник Валентин Инцко да воведе закон со кој се забранува негирање геноцид, Шмит рече дека ако правилно ги толкува насоките на Европската унија, тогаш ЕУ бара токму таков тип на закон, кој инаку е етнички неутрален.
– Не е прашање дали некој е Хрват или Србин, туку дали некој направил нешто што го носи товарот на вина. Како што гледам, ова прашање, покрај Високиот претставник, ќе се отвори и со патот кон ЕУ. Не можете да го отстраните од агендата, рече тој.
Но Шмит истакна дека „дури и ако некој мисли дека со таков закон може да се постигнат промени во општеството, воопшто не е во право”.