Еднократна финансиска помош во висина од 111 милиони денари за 382 лиценцирани туристички агенции, категоризирани ресторани за свадби и ноќни клубови

Владата вчера на 92-та седница донесе одлуки за трите јавни повици, дел од мерките од шестиот економски пакет, со кои се одобрува исплата на еднократна финансиска помош за лиценцирани туристички агенции, категоризирани ресторани за свадби и за ноќни клубови, кои поднесоа барања за финансиска поддршка и притоа бележеа загуби како последица на пандемијата предизвикана од корона вирусот.

Како што соопшти владината прес-служба вкупно ќе бидат помогнати 382 правни субјекти од овие категории, а висината на поддршката изнесува речиси 111 милиони денари или 1,8 милиони евра кои во наредните денови ќе им бидат исплатени на компаниите од буџетската Програма П-Мерки за справување со Ковид-19 кризата од Потпрограма П1.

Поединечно, најголем број на апликации имало на јавниот повик за лиценцирани туристички агенции, вкупно 261, од кои 258 барања се прифатени, за 163 туристички агенции со лиценца А и 95 туристички агенции со лиценца Б, додека три апликации не се прифатени, бидејќи е утврдено дека правните лица немаат лиценца за туристичка агенција. Износот на средства кој е доделен е во зависност од остварениот вкупен приход во 2019 година, бројот на вработени и видот на лиценцата и изнесува од 60.000,00 до 300.000,00 денари за правен субјект, при што вкупниот износ кој ќе биде исплатен изнесува 50.880.000 денари.

За јавниот повик за финансиска поддршка на категоризирани ресторани за свадби аплицирале вкупно 120 правни субјекти, а утврдено е дека комплетна документација имаат доставено 107 ресторани. Како Основа за пресметка на поддршката се земаат просечните месечни приходи остварени во 2019 година. Висината на поддршката се пресметува како износ од 30 отсто од просечниот месечен приход. За субјектите кои ќе поднесат пријава на овој повик, а кои се регистрирани во текот на 2019 година основ за пресметка се просечните месечни приходи од денот на основање до крај на 2019 година. Дополнително, секој регистриран активен субјект добива финансиска поддршка во износ од 15.200 денари по вработен, според бројот на ефективни работни часови, со пресек на 31.12.2020. На тој начин за 107 категоризирани ресторани за свадби ќе биде исплатена финансиска поддршка од 51.650.798,00 денари.

На јавниот повик за лиценцирани кабареа, ноќни барови, диско клубови и диско клубови на отворен простор барања за финансиска поддршка поднесоа 17 правни лица и утврдено е дека сите имаат комплетна документација. Основа за пресметка на поддршката се земаат просечните месечни приходи остварени во 2019 година. Висината на поддршката се пресметува како износ од 30 отсто од просечниот месечен приход. За субјектите кои ќе поднесат пријава на овој повик, а кои се регистрирани во текот на 2019 година основ за пресметка се просечните месечни приходи од денот на основање до крај на 2019 година. Дополнително, секој регистриран активен субјект ќе добие финансиска поддршка во износ од 15.200 денари по вработен, според бројот на ефективни работни часови, со пресек на 31.12.2020. На 17-те компании од оваа категорија ќе им бидат исплатени вкупно 8.324.480,00 денари.

-Овие средства кои се исплаќаат како поддршка за излегување од корона кризата ќе бидат третирани како грант кај сите правни лица кои на крајот на 2021 ќе имаат еден вработен повеќе споредено со крајот на 2020 година. Оние корисници на финансиска поддршка кои ќе го задржат истиот број вработени на крајот на 2021 како што им бил на крајот на 2020 ќе имаат обврска да вратат 20 отсто од добиената финансиска поддршка, додека оние кои ќе го намалат бројот на вработени лица ќе имаат обврска да вратат 50 отсто од добиената финансиска поддршка, се појаснува во владиното соопштение.


Администратор
31/07/2021 12:50