Израел денеска го обвини Иран дека го организирал нападот врз танкер за нафта во близина на брегот на Оман, при што загинаа двајца членови на екипажот, британски и романски државјани.

Бродот „Мерсер стрит” на компанијата „Зодијак маритим”, во сопственост на израелскиот милијардер Ејал Офер, пловеше под знамето на Либерија кога на 29 јули беше нападнат во територијалните води на Оман.

Компанијата соопшти дека се уште се утврдуваат фактите, додека израелскиот министер за надворешни работи Jаир Лапид за инцидентот го обвини „иранскиот тероризам”.

– Иран не е само израелски проблем, тој е извозник на тероризам, разурнување и нестабилност, што е на штета на сите. Светот не смее да молчи пред иранскиот тероризам што и штети на слободната пловидба, посочи Лапид.

Бродот беше нападнат од беспилотно летало, а по инцидентот со американска поморска придружба се упати кон безбедна локација.

Стејт департментот соопшти дека е многу загрижен и оти внимателно ја следи ситуацијата.

Дел од израелските медиуми објавија дека според проценките на службите биле извршени два напада врз танкерот во рок од неколку часа. Првиот напад предизвика штета, а при вториот напад бил погоден командниот мост, при што загинаа двајца морнари.

Неименуван израелски функционер изјави дека Израел тешко ќе замиже пред нападот. Изминатите месеци Техеран и Тел Авив повеќе пати се обвинуваа за напади врз бродови.


Администратор
31/07/2021 13:19