Традиционално, во преспанското село Љубојно, во дворот на старото училиште „Димитар Влахов“ каде се одржал првиот час по македонски јазик, на 1 и 2 август ќе се одржат 48. „Љубански Илинденски иселенички средби“.

Годинашната манифестација е посветена на великанот на македонскиот јазик Блаже Конески, во чија чест ќе биде промовирана стихозбирката „Раѓање“ од Бошко Рајчовски – Пелистерски од Детроит, САД. На промоцијата ќе говори професорката Виолета Ачковска.

Според најавите на организаторот, настанот ќе почне со изведба на македонската химна, а поздравни обраќања предвидено е да имаат градоначалник на Општина Ресен Живко Гошаревски и директорот на Агенцијата за иселеништво Слободан Близнаковски.

Ќе се одржи и промоција на последниот труд на Славе Катин од Љубојно „Преспанска разгледница“, монографијата за семејството „Видиновски“ од Торонто, Канада, посветено на познатата македонска поетеса Рада Видиновска и монографијата „Бошко Рајчовски – Пелистерски“, за истоимениот иселеник од Љубојно.

Организаторот најави и настап на културно – уметничките друштва „Гоце Делчев“ од Битола и „Новаци“ од Новаци, како и настапи на групата „Персиди“, Елена Велевска, Елена Јовческа, Соња Ристевска, Снеже Радичевска, Благојче Стојановски – Туше и Ташко Каранфиловски.


Администратор
31/07/2021 16:44