Со резолуција на Европскиот парламент усвоена на 15 април 2015 година, 2 август беше прогласен за Ден на сеќавање на ромските жртви на Холокаустот.

„На Меѓународниот ден на сеќавање на ромските жртви на Холокаустот, се сеќаваме на ноќта помеѓу 2 и 3 август 1944 година, кога 2.897 Роми беа испратени и егзекутирани во гасните комори во логорот Аушвиц во таканаречениот „Семеен камп за цигани“, се вели во соопштението на Асоцијацијата на млади Роми „АКСИОМ“, пренесува Анадолија.

Овој датум е прифатен и од Советот на Европа, а по иницијатива на ромските организации, се одбележува низ цела Европа од 2012 година, па на 2 август ,со спомени и комеморации се одбележува страдањето на Ромите низ цела Европа за време на Втората светска војна

Се проценува дека повеќе од 500.000 Роми биле убиени во Втората светска војна, но конечната бројка никогаш не е утврдена, а за страдањето на Ромите во овој регион зборуваат и податоците дека во текот на јули 1942 година сите Роми од подрачјето на некогашната Независна држава Хрватска (НДХ) се депортирани во Јасеновац, се наведува во соопштението на АКСИОМ.

„За разлика од повеќето други затвореници во овој концентрационен логор, по пристигнувањето во логорот, тие не беа идентификувани по име, туку по бројот на вагонот со кој биле донесени во кампот. Освен Јасеновац, Роми беа убиени и во други усташки кампови и на стотици други локации на територијата на денешна Република Хрватска, Република Босна и Херцеговина и делови од Република Србија“, се вели во соопштението.