Културно-уметничкото друштво „Брвеница“ од Брвеница настапи на три културно-уметнички манифестации во рамки на тридневната викенд турнеја во Република Србија во неколку места при Општина Рашка, меѓу кои и истоименото село Брвеница.
Играорците од друштвото настапија на манифестацијата во Градачка бања, манифестацијата „Брвеница игра и пее“ во село Брвеница, Општина Рашка и „Илински денови“ на Семетешко езеро.
–Покрај културно уметничките настапи нашето друштво со КУД „Брвеница“ од Рашка имаа заедничко дружење и посета на неколку манастири во местата Ѓурѓеви ступови, Кончула, Градац, како и етно село Топлине душе и пансион Небо на Рудно. Нашето друштво доби признанија за успешно реализираните настапи и награди за прва, втора и трета придружничка на изборот на Семетешка убавица, информира музичкиот директор на КУД „Брвеница“, Блаже Мишевски.
Според директорот, двете истоимени културни уметнички друштва и во блиска иднина ќе ја продолжат соработката и заедничките настапи, развивајќи го ова меѓународно пријателство.