Треба целосна длабока реформа на целиот систем за управување со кризи, изјави на денешната прес-конференција директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов.
Опремата, вели тој, е застарена во противпожарните единици, делумно во некои места е подновена, но тука, според него, има многу работа.
– Сегментот на противпожарната заштита е раслоен, децентрализиран. Ние немаме централна команда на противпожарните единици. Јас морам да зборувам со градоначалниците, а тие да зборуваат со нивните командири на противпожарните единици. Тие повторно ќе останат децентрализирани, но ние планираме во иднина да напаравиме една точка што ќе може со еден повик истите да бидат активирани, вели Ангелов.
Тој додаде дека ќе побара извинување од сите новинари поради како што рече, нападите што ги трпел во текот на вчерашниот ден поради пожарите во Македонија.
– Ако се утврди дека сум потфрлил за пожарите, ќе си заминам од државава.
Нашиот систем според него е ваков со децении наназад и тоа, како што рече, е една сериозна реформа со која се зафатиле Владата и ЦУК.
– Го работиме и проектот 112, обуката почна на инструкторите, верувам за неколку дена ќе почне обуката на луѓето кои ќе бидат земачи на позиви и во текот на есента ќе почнеме со пробна работа. Најдоцна во декември ќе стартува проектот 112, единствениот повикувачки број 112, информира Ангелов.
Во повеќе наврати, додава, и со премиерот и со министрите за внатрешни работи и за одбрана разговарале околу темата реформи, но и набавка на нова опрема, а, како што рече, сериозно работат и на проектот „Медикоптер“.
– Ние мораме како држава да имаме најмалку еден медикоптер кој 24 часа ќе биде на располагање. Но, тоа се комплицирани реформи. Приближиувањето кон ЕУ ни отвора фондови кои можат значително да помогнат при набавка на оваа скапа опрема, вели Ангелов.
Тој нагласи дека тие како ЦУК немаат надлежност да набавуваат опрема или да покренуваат иницијатива за набавка на опрема.
– Дел од опремата е во ДЗС, а главната опрема е во рацете на градоначалниците. Градоначалниците се тие кои треба да ја подноват противпожарната опрема. Ние во овој момент работиме на неколку нивоа на реформите, заклучи Ангелов.