На летната сцена кај музејот на НОБ на Гумење во Крушево синоќа се одржа вечер на влашката култура, што е, традиционално, дел од манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“. Беа претставени изворни влашки песни во изведба на неколку здруженија и граѓани Власи. Според крушевскиот градоначалник Томе Христоски секоја година влашката култура се презентира пред туристите. -Влашката култура, влашките верувања, влашкиот начин на живот, влашките обичаи, секогаш биле нераскинлив дел од Крушево. Тоа се потврди и во Илинденското востание кога сите народности застанале сложно, заедно и единствено за да го спасат Крушево и да ја прогласат Првата Република на Балканот, изјави Христоски. Вечерва, во рамките на „Десет дена Крушевска Република“ се уште два настана. Од 19 часот на летната сцена е театарската претстава „Менде и Мајло“ во режија на Игор Трпчески, а во продукција на Театарската работилница од Прилеп, а од 21 часот пред споменикот Македониум е концертот на „Skopje JazzInc“.