Во рамки на програмата на 18-тото издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби 2021“ промовирана е фестивалската публикацијата „Нова Античка Драма“ што ја подготви Сашо Димоски, театролог и селектор на фестивалот.

Како што појаснува Димоски, во хрестоматијата „Нова Античка Драма“ е сместен најголемиот дел од селекцијата на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби 2021“.

– Мотото под кое се одржува фестивалот на античка драма „Стоби 2021“- нови ритуали – во себе, синтетизира продукции, односно, театрализации на текстови што се ресемантизации/транскрипции, на античкото драмско наследство, од една страна, и се инспирирани од ритуалите и од нивната функција во циволизициското наследство од друга страна, потенцира Димоски.

Тој појаснува дека клучот на селекцијата е форматиран според реактуализацијата на ритуалите и нивното контекстуализирање во современите сценско-изведувачки форми, со акцент на формите што се поливалентни според сојот modus operandi и со кои се напушта класичниот стандарден канон на драмска форма.

Димоски појаснува дека публикацијата обединува пет драмски текстови, од кои два се сатирски игри. Приредени по азбучен ред, тестовите се следни: Бакхи краток преглед на распадот – текст на изведба на истоимената претстава, продукција на Народниот театар од Битола во режија на Игор Вук Торбица и во драматуршка обработка на режисерот Торбица и драматургот Билјана Крајчевска, Монодрамата Исмена, авторски текст на Катерина Момева, праизведен од режисерката Елеонора Теова на сцената на народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес. Орестија ¼ авторска едиција на Билјана Крајчевска, која почива на Есхиловата трагедија. Надгробно жртвување, праизведена во режија на Ивица Димитријевиќ,а во продукција на МКЦ Скопје. Двете сатирски игри, Протеј и Силен се делови од два големи проекти со ист наслов – Орестија.

Дополнува дека првата сатирска игра, Протеј – авторство на Кристијан Винклер, е дел од меѓународниот проект Chorus, дел од овој проект е и текстот Орестија ¼, а праизведена е од самиот режисер во Театар ам Ленд, Грац, Австрија.

– Сумирано, хрестоматијата „Нова Античка Драма“, нудејќи приказ на најголемиот дел од селекцијата на ИФАД „Стоби 2021“, претставува показател за важноста на античкото драмско наследство и неговата вечна (ре)актуелност: моќта за контекстуализација со секое време простор укажува на универзалната семантика кодирана во текстовите. На податливоста за нови читања, разбирања и толкувања, за нови интерпретации на големите теми, за потребата од нудење нови одговори на истите прашања што милениумски го провоцираат човештвото, потенцира театрологот Димоски.