Членовите на гевгелискиот Општински штаб за заштита и спасување, изразија загриженост поради серијата пожари.

Членовите на гевгелискиот Општински штаб за заштита и спасување, со кој раководи градоначалникот Сашо Поцков, на денешната седница изразија загриженост поради серијата пожари кои изминативе два дена се појавија на три локации во непосредна близина на Гевгелија.

Загриженоста беше истакната особено по синоќешниот пожар околу 22 часот во боровата шума спроти комплексот на Негорски бањи, кој се поврзува со човечки фактор.

Од страна на ОВР Гевгелија, по претходни сознанија, веќе почнала постапката за истражување и откривање на сторителите, но повеќе информации за јавноста ќе има по завршувањето на постапката за која е известено и Јавното обвинителство.

Општинскиот штаб за заштита и спасување констатираше дека потребна е засилена контрола за превенирање од страна на надлежните институции, месните заедници исто така да организираат континуирано следење во атарите на населените места и донесе одлука, согласно прогласената кризна состојба, сите локални градежни фирми да ја стават на располагање механизацијата во случај на пожар.

Покрај ова, беше одлучено Општина Гевгелија да купи 10 грбни пумпи за потребите на пожарникарите како и да се оспособат постојните пумпи, а до ДЗС да се достави барање на ТППЕ Гевгелија да и се вратат на користење двете теренски возила за гасење пожари.