Генералниот директор на Радио-телевизија на Црна Гора (РТЦГ), Божидар Шундиќ, го раскина договорот за вработување на позицијата прв човек на Националниот јавен сервис.
Тој за неколку дена полни 66 години и според законот заминува во пензија. Поради тоа, изборот на нов директор на јавниот сервис е одложен за 9 август.
Шундиќ нагласи дека заминува со гордост по три години поминати на чело на најважната медиумска куќа во државата.
– Мојот тим и јас, како и сите професионалци во Националниот јавен сервис, во изминатите години претрпевме напади и притисок од сите страни. Пофалени и оспорени, критикувани и наградени, се обидовме да останеме исти во сите ситуации, доследни на себеси и на принципите за слободно и непристрасно новинарство и објективно информирање. Дека успеавме, докажува рејтингот на РТЦГ и рекордната гледаност и слушаност, изјави Шундиќ.
Изборот на нов генерален директор е проследен со бројни контроверзии во врска со условите кои треба да ги исполни кандидатот.
Новиот Совет на РТЦГ, избран во јуни, формираше Комисија за проценка на валидноста на документацијата, која оцени дека четворицата кандидати ги исполнуваат условите.
Од друга страна, правната служба на РТЦГ, сепак, се дистанцира и објави дека тројца кандидати: поранешниот извршен директор на Граѓанската алијанса, Борис Раониќ, поранешниот заменик-главен и одговорен уредник на весникот Дан, Никола Марковиќ и директорот на РТВ Никшиќ, Милутин Стијеповиќ, не ги исполнуваат условите на конкурсот, односно го немаат потребното работно искуство од десет години во потребното ниво на образование, што е предвидено со Законот за работни односи.
Според медиумите, Раониќ и Марковиќ имаат најголеми шанси да бидат избрани за нов директор на РТЦГ.
Европската унија соопшти дека очекува Советот на РТЦГ да ја спроведе постапката за избор на нов генерален директор на јавниот сервис согласно важечкото законодавство.