На подрачјето на Кумановско моментно нема активни пожари, информира градоначалникот Максим Димитриевски. Пожарот во село Бељаковце и Довезенце е изгаснат, но теренот дополнително ќе се пребарува.
Според командирот на територијалната противпожарна единица, Куманово, Дејан Илиевски, на таа локација ќе остане дежурна екипа.
– Благодарност до сите тимови кои пет дена работеа на гасењето на пожарите во Куманово и регионот. Остануваме во приправност, подготвени да помогнеме на другите општини, напиша Димитриевски.
Денеска седница одржа и Општинскиот штаб за заштита и спасување кој апелира граѓаните да се воздржат од палење стрништа и отпаден материјал во дворови и на отворен простор за да се спречи настанување пожар. Од Штаботи ги повикаа граѓаните да пријават до надлежните институции сомнителни движења на лица и возила, можни причинители на пожари.