Зголемен е бројот на пациенти кои бараат помош за сезонските летни заболувања на инфективното одделение во Општата болница во Куманово, соопштија од таа јавна здравствена установа.

Пациентите се жалат на повраќање, дијареа, болки во стомакот, а некои имаат и зголемена температура.

– Летото е сезона кога имаме зголемен број на пациенти кои се јавуваат заради цревни заболувања кои се карактеристични за овој период, во најголем процент со дијареја, повраќање, кај одреден број пациенти и зголемена температура, главните знаци кои доминираат се дехидрираност, малаксаност и тука интервенираме во тој дел. Има зголемен број на такви пациенти, иако има и пациенти кои заради страв од коронавирусна инфекција, доаѓаат во помал број, доаѓаат тие на кои им е потребна наша помош. Ги третираме со инфузии, терапија и совети за дома, совет за исхрана, изјави началникот на инфективното одделение од кумановската болница, д-р Сунчица Јосифова.

При високи температури, лекарите советуваат да се внимава со чување и обработка на храна, темелно да се мие овошјето и зеленчукот, да се складира храната во фрижидер и да не се консумираат млечни и месни продукти од непроверени извори.

– Ако се остава храната на собна температура веќе за саат-два е неупотреблива, така што строго треба да се чува во фрижидер, да се внимава на хигиената при обработка и манипулација со храна, да се одбегнува потешка храна, овошјето, зеленчукот убаво да бидат измиени, тогаш да се консумираат и што помалку да се консумираат месни производи од непроверени извори, млечни, колачи, да се консумира течност, природен сок, тоа е единствен начин да се справиме и со жештините и да го зачувуваме здравјето, советува, д-р Јосифова.