Свежо цвеќе пред споменикот во кругот на Касарната ќе положат и ќе се поклонат членови на семејствата на загинатите, претставници од касарната, преживеани, од здружението „Карпалак", од локалната самоуправа, здруженија и граѓани.

Со положување цвеќе пред споменикот на загинатите бранители во кругот на касарната „Мирче Ацев" денеска од 18 часот, во Прилеп почнуваат одбележувањата на 20-годишнината од загинувањето на 10 прилепски бранители кај месноста „Карпалак" на 8 август 2001 година. Десетте припадници на резервниот состав на Армијата загинаа кога во заседа беше нападнат армискиот конвој на патот Скопје-Тетово, кај месноста Карпалак.

Свежо цвеќе пред споменикот во кругот на Касарната ќе положат и ќе се поклонат членови на семејствата на загинатите, претставници од касарната, преживеани, од здружението „Карпалак", од локалната самоуправа, здруженија и граѓани. Цвеќиња ќе бидат положени и пред споменикот во селото Лениште и ќе биде посетен манастирот „Света Петка" каде ќе се служи богослужба.

Утре изутрина, на денот на годишнината, претставници на семејствата, преживеани, од локалната самоуправа ќе заминат на месноста „Карпалак" да оддадат почит за загинатите, а воедно ќе бидат посетени и вечните почивалишта на 10-те загинати бранители на градските и месните гробишта.

Панихида за загинатите, утре од 10 часот, ќе се одржи во црквата „Света Петка" во прилепската населба Точила, а централното чествување е утре напладне пред споменикот Карпалак во центарот на Прилеп.

Во заседата на армискиот конвој на 8 август 2001-та кај месноста Карпалак на патот Скопје-Тетово загинаа: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Велјаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски, сите од резервниот состав на Армијата.