Почна 47-та ликовна колонија „Куманово 2021“, информираа денеска надлежните од Националната установа Музеј, Куманово. Годинава на колонијата учествуваат 15 академски ликовни уметници од државата и земјите од регионот, Србија, Бугарија, Хрватска и БИХ. Како што појаснуваат од НУ Музеј, поради состојбата со коронавирусот дел од уметниците творат во Пелинце, а дел од домашните ателјеа.

– Оваа година поради сè уште актуелната криза со Ковид-19, колонијата има модел на работа кој опфаќа уметници кои се гости со седумдневен престој во Пелинце и ликовни творци кои ќе работат од дома, во своите домашни ателјеа. На овој начин поради здравствената безбедност се прави редукција на учесниците на терен, а за да остане ликовната продукција богата и по квантитет, ќе биде надополнета со дела од автори кои се на списокот на учесници, но нема да престојуваат во Пелинце туку ќе работат од дома, изјави Драгана Спасковска, од НУ Музеј Куманово.

На колонијата учествуваат Тања Темелковски Соларска, Ивана Тушевска, Стефан Младеновски, Марија Трајаноска, Мирослав Величковски, Ивана Настески и Дејан Божиновски од државата, Јелена Враговиќ, Небојша Ѓурановиќ, Владимир Илиќ, Маријана Ракичевиќ и Звездана Ѓериќ од Србија, од Хрватска, Леа Цепиќ, Панта Пантиќ од Бјелина (БИХ) и Небојша Станков од Бугарија. Колонијата ќе трае до 13 август, за кој период, уметниците ќе работат сликарство.

Во среда, во 20 часот во Уметничката галерија ќе биде поставена и изложба на дела од минатогодишната продукција од колонијата 2020 година.

Колонијата како и секоја година ја организираат и координираат НУ Музеј – Куманово и градоначалникот и Советот на Општина Куманово, во Меморијалниот комплекс АСНОМ во Пелинце. Ликовната колонија „Куманово 2021“ е финансиски поддржана и од Министерството за култура. Ова е една од најстарите колонии во државата која се одржува од 1974-та година.