Пратениците од Обединетата народна партија, кои се дел од најмалата политичка коалиција во 46. Народно собрание „Стани БГ! Доаѓаме! “- Марија Капон и Арман Бабикјан нема да ја поддржат предложената влада на „Има таков народ “, јави дописникот на МИА од Софија.
Како аргумент тие го посочуваат недостатокот на договор, што во политичка смисла не гарантира конзистентна политика за отстранување на Бугарија од моделот на единствената моќ на ГЕРБ.
Капон во објавата на Фејсбук напиша „подобро е скапи избори отколку лоша, скапа влада“.
Пратеничката група на „Стани БГ! Доаѓаме!“ денеска ќе оддржи седница на која ќе одлучи за тоа како ќе гласа на пленарна седница за избор на нова влада, закажана за среда.
Пратеникот од АБВ, Владимир Маринов, кој е дел од коалицијата „БСП за Бугарија“, може да гласа поинаку од општата одлука на пратеничката група, ако и покрај желбата за стабилна влада и функционален парламент, од „Има таков народ“ не направат персонални промени на предложените кандидати за владата. Ова го потврди претседателот на проруската мала партија АБВ Румен Петков.
Резервите на двете партии се против номинацијата на Петар Илиев за вицепремиер и министер за внатрешни работи поради неговите обврски како почесен конзул на Барбадос во Бугарија. Петков го нарече Петар Илиев чуден лик и праша какви интереси ќе брани во новата влада на Бугарија. Лидерката на БСП, Корнелија Нинова, побара „Има таков народ“ да го повлече предлогот за министерот за внатрешни работи Петар Илиев.
Партиите во бугарскиот Парламент како услов за поддршка на владата на „Има таков народ“ го поставија потпишувањето на документ за договорените политики за време на преговорите.
Дописникот на МИА од Софија потсетува дека бугарските Зелени, кои се дел од коалицијата „Демократска Бугарија“, исто така, најавија дека нема да ја поддржат владата на партијата на Слави Трифонов.