Невладината организација „Еко Герила“ во соопштение до јавноста порача градоначалничката на Тетово, Теута Арифи да не ја бара вината кај граѓаните за тоа што има смет надвор од котејнерите, туку во сопстевните редови. Посочуваат дека се потребни повеќе садови за одлагање отпад.
– Актуелната градоначалничка на Тетово на низок и недостоинствен начин за функцијата што ја извршува, ги обвинува граѓаните дека го исфрлаат отпадот од контејнерите дури и кога се пренатрупани и недоволни. Градоначалникот треба да биде информиран дека начинот на живот и потрошувачката на стоки во Тетово е зголемен во последните 10 години. Лошото управување со хигиената и чистотата во градот е од скандалозни размери, како во ниту една општина во регионот и пошироко – порачаа од „Еко Герила“.
Организација порача општинските власти и комуналната служба да сменат пристап во работата.
– Затоа, нејзините соработници треба да пресметаат и да испланираат колку контејнери треба да има според просечниот индекс колку отпад има по глава на жител и колку често треба да се чистат, бидејќи овие осум години не е направено скоро ништо. И работниците на ЈКП „Тетово“ не се виновни бидејќи работат во мизерни услови и целиот смет во градот се собира со два-три остарени камиони – се наведува во соопштението на „Еко Герила“.