Во село Велмевци во месноста Черешна, денеска пред споменикот на Јордан Сиљанов Пиперката и неговите соборци, беше одбележана 118 годишнината од смртта на големиот војвода, кој загинал во близина на село Цер.

По негова желба бил погребан на ритчето над село Велмевци, од каде како на дланка можел да го гледа Суво Поле и Демирхисарско, регион каде што и најмногу делувал.

Делегација од Општина Демир Хисар предводена од градоначалникот Марјан Стојановски положи букет свежо цвеќе пред споменикот во Велмевци и пред спомен плочата во село Брезово поставена пред одбрамбената кула, каде што Јордан е познат по многу подвизи кога успевал да го надитри помногубројниот непријател.

Откако делегацијата од општина Демир Хисар положи свежо цвеќе пред споменикот на Пиперката, се обрати градоначалникот на оваа општина Марјан Стојановски.

-Овој крај е познат по своето богато и победоносно минато.Но исто така и по големи историски настани кои се слават и се значајни за македонскиот народ. Денес по повод 118 годишнината од загинувањето на војводата Јордан Сиљанов Пиперката оддадовме почит со полагање свежо цвеќе во месноста Черешна лоцирана над село Велмевци, каде што се погребани посмртните останки на Пиперката и уште тројца негови соборци и пред одбрамбената,куќа кула,во село Брезово, рече Стојановски.

Градоначалникот Стојановски истакна дека Јордан Пиперката како учесник во македонското револуционерно движење,член и војвода на Македонската револуционерна организација бил запаметен од народот за кој се борел и го жртвувал својот живот, а тој за возврат му опеал голем број на песни.