Фестивалот на Европски авторски анимиран филм „Flipbook Film Festival 2021“ почнува денеска и ќе трае до недела.

На повикот за учество пристигнаа приближно илјада кратки анимирани филмови од цела Европа, а беа селектирани вкупно 90 филмови во четири натпреварувачки програми и панорама на европски анимиран филм.

Во главната селекција за најдобар анимиран филм ќе се натпреваруваат 19 наслови, најдобрите европски остварувања од минатата година, кои имаат учествувано и освоено награди на најголемите светски филмски фестивали како Анеси, Анимафест, Отава, Клермон-Феран…

Меѓу останатите, ќе бидат прикажани и македонските анимирани филмови „Живот во меур“ на Никола Дрвошанов и Натали Мекмехон и „Збрчкано“ на Горан Димов.

Во категоријата за најдобар студентски анимиран филм ќе се натпреваруваат вкупно 20 филмови. И оваа година во студентската категорија ќе бидат прикажани филмови кои авторите ги направиле за време на своето студирање на европските филмски академии.

Во студентската селекција ќе биде прикажан и македонскиот филм „ГамГам“ на авторката Кристина Данаиловска.

Оваа година ќе биде прикажана и селекција на анимирани музички спотови, вкупно 22 анимирани видеа на некои од најголемите музички имиња во светот. Меѓу нив и три македонски музички видеа на Гоце Илиевски, на бендот Искра и на Ивона Ѓорѓиовска за песната „Парфем“.

За наградите од главната селекција и селекцијата на музички видеа ќе одлучуваат Александра Лавска од Полска, програмски директор на фестивалот „Short Waves“, Славе Лукаров од Хрватска, директор на фестивалот Супертун и Михаил Наумов, македонски автор добитник на специјалната награда од жирито за филмот Карантин на минатогодишното издание на ФФФ.

За наградите од селекцијата на анимирани документарци и студентската селекција, ќе одлучуваат Мартина Мештровиќ од Хрватска, минатогодишната добитничка на специјалната награда од жирито за филмот „Мачката е секогаш женско“, Ката Гугиќ од Хрватска, минатогодишната добитничка на главната студентска награда на ФФФ за филмот „Cockpera“ и македонскиот филмски критичар Златко Гелески.

Покрај физичкото издание на фестивалот, со бесплатни филмски проекции и изложби, на отворено во паркот на Младинскиот културен центар, заради ситуацијата со корона вирусот, Flipbook Film Festival 2021 ќе има и онлајн издание. Од 12-15 август македонската публика ќе има можност, бесплатно, на платформата Cinesquare, да ги гледа сите филмови, да гласа и да ја додели наградата за Најдобар анимиран филм од онлајн публиката.