Во Извидничкиот центар во Охрид по пауза од две години повторно се одржува летниот камп „λ камп 2021“ во организација на Сојуз на извидници на Македонија.

Околу 180 извидници од целата земја во рамки на кампот учествуваат во најразлични активности, водени и забавни игри, еколошки и креативни работилници, низ дружење се запознаваат со стреличарство, ориентација во простор, кампување на отворено и други извиднички и ќивотни вештини.

За програмата, логистиката и целата организација на кампот се грижат околу 20-тина волонтери кои неуморно работат секој ден, ги развиваат своите организациски вештини и со насмевка на лицето се грижат активностите за помалите да се навремено подготвени, информираат од Сојуз на извидници на Македонија.

Сите активности се одвиваат според владините протоколи за организација на настани на отворено и внатрешните протоколи на сојузот за организација на извиднички настани.

Извидничкото движење претставува најголема светска организација за неформално образование, која брои преку 60 милиони членови и неговата мисија е да придонесе во интелектуалниот, психичкиот, физичкиот, социјалниот и емотивниот развој на децата и младите.