„Едип коментари“ е уникатно театарско остварување кое својата премиерна изведба ќе ја доживее вечер во 21 часот во големата сала на Националната установа Центар за култура- „Ацо Шопов“-Штип.
Режисерката, Драгана Милошевска Попова, која до пред извесен период и самата беше дел од штипскиот театарски ансамбл, вели дека оваа идеја созрева веќе четврта година, а целта е театарот да се доживее преку една нова, многу поразлична форма.
– Ние сакавме да направиме еден проект, кој ќе биде наш печат, наш ракопис, за тоа како би сакале да изгледа театарот во овој град, односно една од варијантите како би можел да се чита театарот, вели Милошевска Попова.
Актерите кои вечер премиерно ќе ја изведат „Едип коментари“, изминатите месеци макотрпно работеа, а актерот Ефтим Трајчев вели дека секоја генерација си има свое обележје.
-Мислам дека „Едип коментари“ ќе биде обележје на оваа генерација. Во тоа сум сигурен, бидејќи и самиот сум одамна фан на физичкиот театар, на кореодрамата, тоа го сакам и во Македонија, тоа се остварува и токму во Штип, мојот роден град. Едно поинакво искуство на физички, современ театар и нашата цел како уметници е не само да ги следиме светските трендови, туку да бидеме и малку похрабри и да поставуваме нови норми и стандарди, рече Трајчев.
Коавтор и кореограф е балетскиот уметник Игор Киров и самиот роден штипјанец, но со богата интернационална кариера. Овој начин на уметничко изразување, истакна Киров, од актерите го вади максимумот, преку текст, игра и музика.
– Не секој театар и не секој актер е способен и може да го направи. Тоа го гарантирам зашто знам дека кога ќе земам нешто со свои раце да го сработам, морам да бида сигурен во тоа. Затоа рабоитевме интензивно седум недели, обично се работи помалку, генерално зборувам за балетска претстава, но имајќи во предвид дека работиме со актери, на кои примарна и е глумата, а потоа се останато, решивме да посветиме малку повеќе време, каде и тие сами ќе се пронајдат, а јас од мој страна ќе ги воведам во еден свет, како што рекоа, дека не се свесни дека постои во нивното тело, додаде Киров.
-Успеа да извади нешто што можеби не сме ни знеле дека сме го имале во нас. Му благодарам за тоа што веруваше до крај во нас и кога ние велевме дека е невозможно тоа да се направи, тој рече, можеме, изјави актерката Марија Минчева-Андонов.
Значи склопот на движења, на текст, на музика, сценографија, костимографија заедно, додаде Киров, дава еден продукт кој ште е нешто ново на нашата сцена и мислам дека публиката ќе се пронајде, на еден или друг начин во оваа претстава.
Според првичната замисла, во претставата требало да учествуваат повеќе актери, но поради корона пандемијата и строгите епидемилошки мерки, одлучено е претставата да се реализира со пет актери.
Новата премиера на Народен театар Штип е во режија на Драгана Милошевска Попова, соработник во концепт и адаптација, Ивана Нелковска драматург, Весна Куслеска, кореограф е Игор Киров, костимограф, Роза Трајческа сценонграф Валентин Светозарев, композитор на музике : Томе Темелкоски Актери. Во улоците на Едип актерот Ефтим Трајчов, Антигона ја игра Анѓелка Нашкова, Креонт/Лај е актерот Пеце Ристевски, Јокаста е Марија Минчева Андонов, додека Тирезиј го игра Милорад Ангелов.