„Гранична состојба“, на македонска поетеса Лидија Димковска е годинашен добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска збирка помеѓу две фестивалски изданија на Струшките вечери на поезијата.

Од 33 пристигнати книги, во потесен круг, како што соопшти националната установа „Струшки вечери на поезијата“, влегле „Потпис: трепетлика“ од Ана Стојановска, „Големата прегратка“ на Павлина Атанасова, „Гранична состојба“ на Лидија Димковска, „Девет преобразби во чудната шума“ од Пандалф Вулкански и „Сватови на песната“ од Даут Даути.

За изборот на наградата на 60. јубилејно фестивалско издание одлучувала жири-комисија во состав: Сашо Огненовски, Искра Гешоска, Атанас Вангелов, Весна Мојсова Чепишевска и Лулзим Хазири

– „Гранична состојба“ е поетска книга која предупредува насочувајќи ги нашите погледи кон средиштето на отворените рани на светот. Овие стихови, остри како сечила ни ги отвораат актуелните политички и социјални крвавења, ни ги предочуваат сите недоумици и несреќни одлуки, не опсипуваат со глетки од историските страдања кои, за жал не донеле никаков наук и на ововременските воени и политички лудила. Лидија Димковска со мудроста на своите стихови предупредува на вриежот на валканата крв, на една неминовност, чија бучава не заглушува и навестува татнеж после чија смртна тишина ќе се отвори амбисот на ништоста. Стиховите во „Гранична состојба“ се меко отворање на кортексот на еден ум што мора да се преобрази ако сакаме нашата духовна егзистенција да изроди нова стратегија за опстанок и нова патека кон совршенството, стои во одлуката на жири комисијата.

Лидија Димковска е македонска поетеса, романописец и преведувачка од романски и словенечки на македонски јазик. Автор е на збирките: „Рожби од Исток“, „Огнот на буквите“, „Изгризани нокти“, „Нобел против Нобел“, „pH неутрална за животот и смртта“ и „Црно на бело“, три романи „Скриена камера“, „Резервен живот“ и „Но-Уи“, еден американски дневник „Отаде Л.“ и збирка куси раскази „Кога заминав од Карл Либкнехт“. Нејзините книги се преведени на петнаесет јазици, а добитник е на повеќе награди и признанија.

Соопштувањето на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“, кое традиционално се случуваше во рамки на фестивалското издание, од оваа година се менува и е пред почетокот на манифестацијата, која ќе се одржи од 26 до 30 август.