Во рамките на програмата на „Велешко лето“ 2021 што го организира Општина Велес, синоќа во Ликовниот салон беше промовирана книгата „Рекламата како текст“ (со посебен осврт на јазичните особености на телевизиската реклама) од проф. д-р Снежана Петрова Џамбазова од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, која е нејзина докторска дисертација издадена во 2019, но поради короната промовирана две години потоа во нејзиниот роден Велес.
Еден од промоторите на делото и еден од двајцата рецензенти на книгата проф. д-р Димитар Пандев, пред присутните појасни, што ѝ да сте учеле во животот или со што ѝ да сте се занимавале, како вештина или како наука, секако сте се сретнале со одломки од проблематиката застапена во оваа монографија под едноставен наслов „Рекламата како текст“, зад кој се кријат мошне сложени содржини. Првенствено од нашето совремие, во кое успешноста во голема мера зависи од рекламата, но и од историски аспект, ако се има предвид дека сè што е создадено како цивилизациска вредност се преточува во текст.
– Впрочем, и интердисциплинарноста меѓу науките во овој 21 прагматичен век се сосредоточува токму во рекламата, а тоа мошне убаво е претставено во оваа книга кога започнува со маркетингот, како една од современите науки, која интензивно се развива од пред половина век. Впрочем заедно со семиологијата на комуникацијата и ја доживува својата експанзија во ера на менаџментот, во која уште повеќе доаѓаат до израз теоријата за системите од знаци, попрецизно за односите меѓу системите од знаци во чие средиште е човекот, а завршува со безграничните креативни можности на македонскиот јазик, и со вечната борба меѓу исказот и нормата. А меѓу маркетингот и семиологијата еден медиум ја пројавува својата виталност и ја одржува: телевизијата, појаснува проф. д-р Пандев.
Во изјавата за МИА, авторот проф. д-р Снежана Петрова – Џамбазова појаснува дека оваа книга е нејзина докторска дисертација одбранета во 2016 година, а е издадена како монографија во 2019 година.
Таа ги опфаќа јазичните особености на сите јазични рамништа во македонскиот јазик. Рекламите се собирани во текот на 2008 и 2009 година од сите телевизиски канали на македонски јазик во Македонија и опфатени се повеќе од 500 реклами.
– Целта е да се согледаат јазичните грешки и сите јазични особености на една реклама како текст, како креативно оспособување. Исто така и како производ којшто долго време оди на телевизија и којшто има свое влијание за јазикот кај пошироката јавност, бидејќи сите ги гледаат рекламите и по неколку пати на ден. Така што и многу зборови оттаму ако погрешно се изговорени, погрешно и се учат. Рекламата влијае на јазикот на публиката, на зборувачите на македонскиот јазик. Така што сите нејзини креативни можности, меѓутоа дава и една јазична слика за маркетингот како една креативна сила во светот на медиумите, појасни проф. д-р Петрова-Џамбазова.
Промоцијата беше збогатена со музички настап на пијано проф. м-р Илија Настовска и студентката по соло пеење Вероника Караколева.