Објектот што се наоѓа во дворот на поранешниот Дом на ЈНА во Кичево, до пред десетина години беше најелитното кафуле во градот каде настапуваа најголемиот број естрадни ѕвезди, за денес овој објект да се претвори во привремен дом на голем број кучиња скитници од градот.

Од објектот се откорнати сите врати и прозоци и однесено е се што може да има одредена употреба.

Граѓаните реагираат на оваа појава, а најмногу се разочарани вработените од Правниот факултат кој се наоѓа во истиот двор, како и младите тенисери и нивниот тренер чие тениско игралиште се наоѓа на неколку метри од овој објект.

– Последниве две-три години не можеме на раат да работиме,тренираме и играме тенис, поради опасноста која не демне од многубројните кучиња скитници кои се наоѓаат во соседниот објект на поранешниот кафиќ „Гравити". Во повеќе наврати сум се обратил до полицијата, а од таму ми велат дека не можат ништо да сторат по ова прашање и треба да се обратам до општината. До кога ќе трае оваа голгота навистина не знам, но ако вака продолжи ќе бидам приморан да престанам со работа со помладата генерација тенисери, бидејќи условите за работа стануваат невозможни, вели Асан Велијоски, тениски тренер.

Тој нагласи дека кучињата во овој објект се собираат од сите страни, а ги третираат од организации за хуман третман на овие глутници.

И минувачите се исплашени и со страв поминуваат во негова близина и се молат мешто да не им се случи, бидејќи нивниот број на кучиња во објектот е многу голем. /