„Ековита" Неготино најави иницијатива за оценка на уставноста на Законот за стратешки инвестиции, Здружението е против изградба на фабрика за отпад. За ова денеска информираше претседателот Сашко Тодоров.

– Не е разумно да се доделува статус на стратешка инвестиција, а законот за управување со отпад да е во собраниска процедура, што дава сомнеж дека тој се носи по мерка на инвеститорите, а на штета на граѓаните! Пронајдени се неколку одредби на неусогласеност со Уставот. Во него стои дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Но, во случајот со оспорените одредби тоа не е почитувано. Предлагаме Уставниот суд правилно да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби и истите ги укине/поништи. Поради очигледната неуставност на оспорените одредби, предлагаме и донесување на времена мерка согласно деловникот на Уставниот суд, со цел да се спречи настанување на штетни последици, појасни Тодоров, кој е дипломиран биолошки инжинер.

Тој нагласи дека целта им е да се спречи влез на сомнителни инвеститори, бидејќи стравуваат за здравјето на населението и за еколошката средина.

– Наместо влез на нови технологии за решавање на проблемот со откупот на грозјето кој ги мачи лозарите со декади наназад, сега се наметнува инвестиција која ќе согорува 700.000 до 1.000.000 тони комунален отпад во Неготино, додаде претседателот на „Ековита".

Тој најави и други демократски методи на дејствување во борбата против евентуални загадувања во општина Неготино.

– Но, доколку не преовладее разумот, ќе одлучиме со какви други методи да ја стопираме оваа, според нас сомнителна инвестиција, дециден беше Тодоров.