Изменет е сообраќајниот режим на движење на две локации во Куманово, информираа денеска надлежните од општината.
По барање на граѓаните и по процена на комисија за еднонасочни улици и зонско паркирање во Куманово, донесена е одлука да се воведе двонасочен сообраќај во централното градско подрачје на дел од улицата „Ленинова".
– Паркинг местата ќе останат само од десната страна од крстосницата од „Иво Лола Рибар" и „Илинденска" и „Ленинова" кон крстосницата „Ленинова" и „Димитар Влахов", со што останува постоечкото паркирање од левата страна на улицата., која е доволна широка и може да се одвива двонасочен сообраќај. Со истиот проект воспоставен е режим на сообраќај на крак од улицата „Октомвриска револуција" со воспоставување еднонасочен сообраќај во правец од станбен објект број „32" во правец кон станбен објект „20", изјави, раководителката на сектор на комунални дејности, Лидија Ланг Спасовска.
Советникот од НСДП во советот на општината, Благојче Јакимовиќ ја достави иницијативата на граѓаните од централното градско подрачје кои бараа да се воведе ваков режим на сообраќај во строгото централно градско подрачје.
– Ова измена следи по предлог на станарите од „Ленинова" од плоштад „Маршал Тито" од соседните улици кои бараа да се воведе двонасочен сообраќаен режим и да се намали сообраќајниот метеж кој се создава на „Гоце Делчев". Со профункционирањето на овој вид не сообраќај очекуваме да се намали и аерозагадувањето во централното градско подрачје, изјави Јакимовиќ.
Инаку, еднонасочниот сообраќај во Куманово почна да функционира од 2009-та година во поширокиот централен дел.