Двајца починати, нови 20 луѓе примени на болничко лекување и вкупно 90 хоспитализирани поради Ковид-19, е билансот за 24 часа со кој се соочи ковид – центарот при Клиничката болница во Тетово.
-Секојдневно зголемување имаме на бројот на хоспитализирани луѓе. Во моментот има 90 луѓе на кислородна поддршка додека околу 120 пациенти побарале амбулантска помош што значи дека 210 лица се згрижени преку нашиот ковид центар. Тие на кислородна поддршка се во тешка здравствена состојба поради коморбидитети, изјави д-р Гзим Нуредини.
Поради напливот на хоспитализирани пациенти во тек е реорганизација на персоналот во Клиничката болница. Покрај модуларната болница, два ката од интерно и просторот на инфективно се размислува за хоспитализации и на други одделенија.
-Голем дел од кадарот се викнати да дојдат од одмор, некои сами се вратиле. Се прават списоци за реорганизација. На денешниот состанок беше одлучено дека ќе се продолжи со тековна работа на другите одделенија поради потребата за интервенции на итни случаи и никако не смее да изостануваат услуги во другите одделенија. За сместување на пациенти се размислува и за користење на третиот кат од интернистичкиот блок односно болничките соби во склоп на одделението за неврологија и психијатрија, изјави Нуредини.
Лекарот повторно апелираше граѓаните што повеќе да носат маски во насока на превенција од ширење на коронавирусот, како и да се држи растојание и одржување на лична хигиена.
-Ако вака продолжиме со месеци и години тешко нас, вели докторот Нуредини.
Министерот Филипче денеска изјави дека нема дополнителни мерки за Тетово иако е драстично зголемен бројот на новозаболени и починати.