Одлуката на Комитетот за светско природно и културно наследство на УНЕСКО и сите активности кои Општина Охрид ги презеде за зачувување на уникатните аспекти на Охридскиот регион беа тема на дискусија на средбата на градоначаликот на Охрид, Константин Георгиески, и амбасадорката на Сојузна Германија Анке Холштајн која е во посета на Охрид.
Амбасародката на средбата ги поздравила посветеноста и заложбите на градоначалникот Георгиески за исполнување на препораките на УНЕСКО и владеење на правото, а се запознала и со плановите на Општина Охрид за уредување и стопанисување со крајбрежјето на Охридското Езерo, како и за сите идни активности кои треба да бидат прeземени во текот на наредниот период за исполнување на препораките.
Соговорниците се осврнале и на темите за развој на туризмот и промоција на Охрид како атрактивна туристичка дестинација, како и за актуелните епидемиолошки состојби со ковид кризата, кои значително го погодија овој стопански сектор. Беше разговарано и за зачувување на животната средина, заштита на Студенчишкото Блато и состојбата со Колекторскиот систем на Охридското Езеро. Градоначалникот и амбасадорката разговарале и за можностите за соработка во делот на подготвување на проекти и обезбедување на финансиска поддршка, за изградба на пречистителни станици во Трпејца и Љубаништа.
Дел од разговорот бил посветен и на локалниот економски развој и придонесот на германските инвестиции во делот на отворањето на нови работни места и подигнување на животниот стандард во Охрид. Притоа амбасадорката го нагалсила интересот на германските инвеститори за вложување и отварање на нови производствени капацитети во земјава.