Новиот начин на работа во Центрите за социјална работа претставува работа со семејството, коешто е во ризик, во целина со сите парични права, како и со сите услуги што треба да ги завршат социјалните работници, информира министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска при денешната посета на Центарот за социјална работа во Велес.

На средбата со социјалните работници министерката се информираше за тоа како се одвива спрведувањето на социјалната реформа донесена во 2019 година.

– Со вработените разговаравме околу тоа како стручните работници излегуваат на терен и покрај пандемијата со цел да одговорат на потребите на граѓаните. Исто така разговаравме и за новиот пристап на работа која значи не само пасивно примање на паричните права туку и работа со семејството со цел тоа да се извлече од ризик, потенцира Шахпаска.

Дури 95 отсто од вработените во ЦСР Велес се вакцинирани бидејќи ја имаат предвид важноста за нивната работа во новиот бран на пандемијата со Ковид-19.

Министерката Шахпаска потенцираше дека суштината на социјалната реформа не е регрутирање на поголем број корисници, туку нивно вадење од сиромаштија и преку процесот на активација нивно оспособување за работа преку Центрите за социјална работа и Агенцијата за вработување. Додаде дека обврската е голема бидејќи Центрите за социјална работа се првата станица на која најранливите групи на граѓани се обраќаат за помош.

-Уште поголема е обврската на ЦСР Велес бидејќи во неговата рамка се и Дневниот центар за деца и лица со телесна или ментална попреченост, Деневен центар и клуб за стари и возрасни лица во општините Чашка и Богомила, Центар за жртви од семејно насилство т.е. Шелтер центар. Во рамките на Центарот функционра и услугата за персонална асистенција на лица со попреченост и Народна кујна, потсети министерката Шахпаска.