Лидерот на партијата „Стани БГ! Ние доаѓаме!“ Маја Манолова нуди три алатки за решавање на три ризици, кои, доколку нема редовна влада наесен, би можеле да се претворат во сериозни кризи, објави БГНЕС.

На почетокот на консултациите, претседателот Румен Радев се обрати кон „Стани БГ! Ние доаѓаме!“ со зборовите: „Формирањето редовна влада е тема која бара компромис и консензус. Во Парламентот нема мали и помали партии, има партии со јасна граѓанска позиција. Вашата позиција е исклучително важна, бидејќи зависи од тоа дали има демократски став во овој Парламент за главните проблеми кои треба да ги решиме“.

Манолова истакна дека по неуспехот на првиот мандат за формирање владин кабинет од партијата „Има таков народ“, „цената на политичката неодговорност не треба да ја плаќаат бугарските граѓани“.

– Нашата земја се соочува со три големи ризици: притисок од мигрантите, четврти бран на коронавирусот, социјални тензии поради драстичниот раст на цената на електричната енергија и водата, рече лидерот на „Стани БГ! Ние доаѓаме!”

Според неа, овие три ризици наесен ќе се претворат во три големи кризи.

– Политичките сили немаат право да бидат невнимателни и тврдоглави. Нечесно е државата да се вклучи во изборна кампања и животот на граѓаните да биде ставен во ризик, категорична е Манолова.

Таа решението за овие три ризици го гледа со три инструменти: ажурирање на буџетот, активно дејствување на институциите за спречување на евентуалниот бран мигранти и создавање на редовна влада со рок до идната пролет за решавање на кризите кои се појавуваат и смирување на бугарските граѓани.

– Суверенот ни постави тешка задача, поради што разговорите се толку проблематични. Направивме сe што е можно за да формираме влада со првиот мандат, но едноличните одлуки со доминација на сила и одбивање да се потпише договор за политика со јасни рокови доведоа до фактот дека влада не беше реализирана со првиот мандат. Обидите со третиот мандат треба да ги избегнат сите грешки направени за време на првиот мандат, додаде Манолова.