За претстојниот попис на населението во септември, интересот за теренски инструктори и попишувачи кај граѓаните на Кичево е многу мал. Од планираните 141 кандидат неопходни за теренски инструктори и попишувачи, досега се пријавиле само 77.
-За разлика од пролетоска кога интересот на граѓаните на Кичево за да учествуваат во пописот беше многу поголем, овој пат интересот за теренски инструктори и попишувачи е преполовен. Од 141 кандидат колку што се неопходни, пријавени се 77 кандидати. Според зацртаниот план во Општина Кичево се потребни 128 теренски попишувачи и 13 инструктори а од бројката на пријавени кандидати неопходно е да ја обезбедиме бројката од 13 теренски инструктори, изјави државниот инспектор, Јованчо Сапунџиоски.
Утре, рече, ќе бидат тестирани пријавените кандидати.
-Утре со почеток во 10 часот ќе биде извршено тестирање на 77 пријавени кандидати. Лицата кои ќе покажат најдобри резултати, ќе бидат избрани за теренски инструктори, вкупно 13, додека преостанатите кандидати кои успешно ќе го положат овој тест, ќе бидат именувани за теренски попишувачи, истакна државниот инспектор и потстети дека и денеска заинтересираните кандидадти може да се пријавуваат бидејќи има непотполнети места.
Сапунџиоски информира и дека од вторник ќе почне тридневната обука за теренски инструктори, а ќе бидат одржани 4 до 5 часа. По завршувањето на обуката за теренски инструктори, ќе почне обуката и на теренските попишувачи во која ќе се вклучат и теренските инструктори како предавачи.