Седум починати во изминатите 24 часа од 7 часот вчера до утринава во 7 часот бележи ковид-центарот во тетовската клиничка болница, информираше координаторот доктор Гзим Нуредини.
Починатите се на возраст од 43 до 76 години. Иако првично информираа дека меѓу починатите има 19-годишна девојка, координаторот Нуредини посочи дека станува збор за грешка при евиденцијата со матичен број во Клиничка болница и дека жената има 60 години.
– Починатите се со хронични болести. За тие 24 часа бележиме 15 нови примени на болничко лекување, како и 192 амбулантски прегледи. Вкупно сега има 111 на болничко лекување, меѓу кои шест пациенти со една доза и само еден со две дози примена вакцина, информираше денес Д-р Нуредини.
Вчера во Тетово имаше четири починати, со што во текот на пандемијата достигна бројка од 341 починати поради ковид-19.
Од вчера во клиничката болница Тетово за болничко лекување почна да се користи и третиот кат од интернистичкиот блок покрај модуларна болница, инфективно одделение и два ката од интерно одделение.