Расте бројот на хоспитализирани пациенти во штипската модуларна болница. За нецела една недела, пополнет е половина од капацитетот и во моментот на болничко лекување се 24 пациенти. Од нив 10 се вакцинирани, а на 12 им е потребна повремена кислородна поддршка.

- Имаме и пациенти со малку потешка клиничка слика. Значи, расте бројот на примени пациенти, расте и бројот на амбулантски прегледи. Ако во „мирниот“ период имаше денови кога немавме амбулантски прегледи или имавме по еден-два, веќе дојдовме до бројката од 30, што е знак дека порастот на новозаболените од почетокот на овој бран се одрази и во работата на инфективниот оддел, изјави Ален Георгијев, директор на Клиничка болница Штип.

Доминантно, хоспитализираните имаат проблеми со дишењето и пад на сатурација, но состојбата во штипскиот Ковид центар не е толку критична како во останатите болници во државата.

- Ние сме подготвени во секој момент да ги пополниме барањата за здравствен кадар на инфективниот одддел, се со цел, да излеземе во пресрет на евентуална рапидна бројка на пациенти кои ќе бидат хоспитализирани, додаде Георгијев.

Екстериерната реконструкција на инфективното одделение е во финална фаза, а во тек е и постапката за поставување на централен довод на кислород.

- Иако многу рано го почнавме целиот процес за поставување на централен довод на кислород на инфективното одделение, поради административни, бирократски пречки и жалби на целиот процес на јавните набавки, тоа ни одзема повеќе време од предвиденото, изјави Георгијев.

Со ставање во функција на двата оддели, регионалниот Ковид центар ќе има капацитет од 120 кревети.