Во ОУ „Климент Охридски“ во Драчево денеска беше претставена една од 52-те мобилни станици за миење раце, кои УНИЦЕФ со финансиска поддр[ка од УСАИД им ги донира на 15 училишта во земјава за да се подобрат капацитетите за вода, санитација и хигиена, особено во услови на заразата со КОВИД-19 и во пресрет на враќањето на сите ученици на настава со физичко присуство од 1 септември.

Мобилните станици за миење раце имаат канистери за вода, сапун и крпи за раце. Петнаесетте училишта кои добиват донација се посочени од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и Државниот просветен иснпекторат (ДПИ) као критични според капацитетите за вода, санитација и хигиена. Избрани се врз основа на наодите од алатката за самопроценка изработена од ИЈЗ и ДПИ со поддршка на УНИЦЕФ и ги вклучува препорачаните прашања на Светската здравствена организација.

Претставникот на УСАИД во земјава Ерик Јановски рече дека мобилните станици се координиран проект на УНИЦЕФ, МОН, Македонскиот центар за граѓанско образование и општините во борбата со ширењето на КОВИД-19 и дека овозможуваат поголема безбедност за здравјето на децата и превенција од ширење на вирусот.

-Пандемијата ни постави голем предизвик за нашата лична и колективна отпорност, но сите заедно се бориме за да го заштитиме здравјето на сите, а најмногу на децата. Мобилните станици се од суштинско значење за децата да се вратат во училиштата за настава со физичко присуство зашто овозмоуваат тие да имаат чисти раце и да одржуваат хигиена на виосоко ниво, што е една од најважните мерки за да се спречи инфекцијата со КОВИД-19. Честото и исправно миење на рацете е клучна пракса во јавното здравје што е, сепак, во наша контрола. Но, треба исто така да ги следиме и останатите важни мерки, физичото растојание и носењето маски во затворени простории и најважно од се – вакцинацијата, изјави Јановски, кој го посети училиштето заедно со претставничката на УНИЦЕФ Патриција ди Џовани, министерката Мила Царовска и градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски.

Додаде дека се горди од придонесот на УСАИД во борбата со КОВИД-19 за Северна Македонија и дека САД обезбедиле над 6,7 милиони долари како помош на нашата земја, со фокус на итен одговор кон пандемијата, како и социоекономско закрепнување и подготовка на дистрибуција на вакцините.

– Ова е дополнување на 11,5 милиони долари инвестиции на САД во текот на две децении за зајакнување на здравствениот систем за да може да даде одговор во кризи како оваа, додаде претставникот на УСАИД во земјава.

Претставничката на УНИЦЕФ Патриција ди Џовани, која заедно со министерката Мила Царовска го потенцираше значењето училиштата да бидат отворени за децата, посочи дека мобилните станици за миење раце во 15 училишта ќе придонесат да се зголеми безбедноста за успешно да се организира наставата со физичко присуство. Посочи дека се трудат да го прошират опфатот на училишта во кои ќе бидат донирани вакви мобилни станици за хигиена.