Со воведената задолжителна вакцинација за вработените во јавните и приватните установи за грижа на лица во Грција, се зголемил и бројот на имунизации, според податоците од Министерството за труд и социјални прашања, јави дописничката на МИА од Атина.
Во јули, во приватните домови за стари лица и центрите за лица со инвалидитет, биле вакцинирани 62 отсто од вработените, а сега се над 85 проценти.
Зголемување, и тоа двојно има и во јавните установи за истата намена, каде што од 45 проценти вакцинирани минатиот месец, сега имунизирани се 90 отсто од вработените.
Конкретната мерка беше соопштена минатиот месец, а стапи во сила во понеделникот и се однесува на вработените во јавните и приватните домови за нега на стари лица, во центрите за рехабилитација, во центрите за грижа на лица со инвалидитет и попреченост, во домовите за деца без родители, во институциите за згрижување на хронично болни и сл, кои до 16 август добија рок или целосно да бидат вакцинирани или да имаат примено барем една доза од вакцината, а во спротивно, тие што ќе одбијат да се имунизираат ќе бидат на принуден, неплатен одмор.
Заменик- министерката за труд и социјални прашања Домна Михаилиду рече дека задолжителната вакцинација „не е обид за наметнување на став“, туку обид за заштита на јавното здравје.
Во Грција, вакцинацијата, од 1 септември ќе биде задолжителна и за здравствените работници, како и за административниот персонал во болниците, здравствените центри, дијагностички центри, центрите за рехабилитација, клиниките итн, без разлика дали се приватни или јавни здравствени структури.