Шеснаесеттото издание на Меѓународниот фолклорен фестивал „Св. Јоаким Осоговски” започнува вечерва, а тридневната фестивалска програма ќе трае до четврток, 26 август 2021.
-Овој меѓународен фолклорен фестивал кој го носи името на светецот – заштитник на градот има континуитет на одржување и е препознатлив белег на културната мапа на градот, државата и регионот. Минатата година, како што пандемијата одложи многу настани, направи пауза и во континуитетот на нашиот фестивал, а годинава е предизвик истиот да се одржи. Поради тоа, направивме интензивни подготовки за спроведување на сите протоколи за организација на настани на отворено и задоволство ни е што ја продолжуваме традицијата на 16-тиот Меѓународен фолклорен фестивал Св. Јоаким Осоговски, информира директорката на НУЦК Крива Паланка, Мира Ѓоргиевска.
Сите три фестивалски вечери, додаде, ќе се одржат со почеток во 19 часот,на плоштадот пред општината, „Карпошово востание”, а доколку временските услови не се поволни, во кино салата на Центарот за култура, со протоколи за организација на настани во затворено.
На првите две фестивалски вечери ќе се одржат фолклорни концерти на културно-уметнички друштва и ансамбли од земјава и Република Србија, со задолжителни настапи на КУД „8 Октомври” чијашто матична куќа е Центарот за култура Крива Паланка, додека третата фестивалска вечер е резервирана за целовечерен концерт на групата „Монистра“.
Настаните ќе бидат реализирани по строго пропишаните мерки за заштита од Ковид-19 – сертификат или потврда за извршена вакцинација од вирусот, примена најмалку прва доза вакцина против заразната болест или потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст.
Доколку настанот се одржи во затворен простор, бројот на присутни е ограничен на најмногу 107.