Со кратка изведба и изложба на цртежи од децата од градинката „Мајски Цвет“ во Битола беше означено успешното финализирање на проект за реновирање на објектот „Коца Василева“ на градинката реализирано во рамки на Програмата за мали грантови за основни потреби и човекова безбедност на Јапонската амбасада.
Како што соопштија од Амбасадата, на свеченоста што се одржа вчера, присуствуваше Амбасадорот на Јапонија, Савада Хиронори, а негови домаќини беа Наташа Петровска, градоначалник на Битола и Снежана Тодоровска, директор на градинката „Мајски Цвет“.
За време на посетата, амбасадорот Савада имаше кратка средба со градоначалничката Петровска и разговараше за начините за зајакнување на соработката помеѓу Амбасадата и Општината. Во име на јапонскиот народ, амбасадорот Савада изрази благодарност до сите битолчани за поддршката и пријателството.
Проектот за реновирање на градинката во Битола е во вкупна вредност од 67.548 евра, а има за цел да ја подобри средината за најмладите.
Преку Програмата за мали грантови за основни потреби и човекова безбедност, односно GGP, Јапонија во земјава финансираше проекти за реновирање и обезбедување опрема за повеќе од 70 училишта и градинки, 57 здравствени установи и обезбеди 31 возило за одржување и комунални возила за 49 општини.