За младите да бидат мотивирани да почнат да развиваат деловни идеи, синоќа во прилепското средно училиште „Ѓорче Петров“ пред младински работници, ученици и професори од средни стручни училишта од Прилеп и од Долнени, пред претставници од невладините организации и од институциите, беше презентиран онлајн пакетот „Тренинг за претприемништво“.

Пакетот е дел од проектот „Преземи чекор“, во рамките на Еразмус +, K 2 Стратешкото партнерство за стручно образование. Во стратешкото партнерство се: невладината „Aгтис“, „Diversity Living Services“ од Англија, „Mobilizing Expertise AB“ од Шведска; „NGO Ritineitis“ од Латвија, и „Eprojectconsult – Istituto Europeo di Formazione e Ricerca“ Италија.

Според координаторот на проектот, Благица Цветкоска од „Агтис“, основната цел на проектот е да се промовира едукацијата на младите и на социјално исклучените млади, инволвираните во процесот на деловна едукација од областа на претприемништвото – било да се од институционалниот, било од невладиниот сектор и други засегнати личности и институции за започнување „бизнис” и можностите и поддршката за таа намена.

-Он-лајн пакетот „Тренинг за претприемништво“ е развиен како еден од најважните резултати од двегодишната соработка помеѓу партнерите во проектот. Оваа обука е специјално скроена за нашето поднебје и за состојбата. Содржи дигитални едукативни материјали од оваа област. Од предходните истражувања кои ги имавме во партнерските земји од проектот, кај младите од нашава земја главна причина за незапочнување на сопствен бизнис е самодовербата и мотивацијата. Се надеваме дека преку ваквите настани, обуки ги мотивираме младите да започнат сопствен бизнис, рече Цветкоска.

Директорката на средното училиште „Ѓорче Петров“ Петра Лукароска, смета дека ваквите обуки се од голема важност и за учениците и за наставниот кадар на училиштето.

-Ова е битно, зашто учениците по завршувањето на средното училиште се веќе обучени и вешти да започнат сопствен бизнис. Дополнително, училиштето работи со деловниот сектор, а со тоа на учениците им нуди и друга советодавна и деловна поддршка, вели Лукароска

Претседателката на општинскиот совет Еленче Ташковска нагласува дека заедничкото учење е долгорочен процес каде и младите и возрасните постојано треба да се надградуваат за подобро да ги имплементираат сите новини, а нституциите треба да бидат корисни и проактивни во својата заедница.

-Така ги охрабруваме младите да започнат сопствен бизнис. Законот за младинско учество и младински политики помага во оваа насока, па на младите им порачувам: Може да бидите учесници во креирањето на политиките на локално ниво со директно учество во работата на Советот на Општината, за да го подобрите вашето живеење, а со тоа и да останете во земјава“, вели Ташкоска.

За Ајша Муаремоска, раководител на одделението за јавни дејности, образование во општина Долнени, ваквите обуки се добредојдени за младите од руралните општини.

-Преку овие обуки младите од руралните средини се едуцираат, а воедно се стимулираат да започнат свој бизнис, и да искористат дел од мерките кои ги нудат Владата и странските програми, смета Муаремоска.

При презентацијата, свое искуство пренесе Јакуб Мачијевски од Полска, кој во моментов е студент и практикант во компанија во Холандија. Според него, искуството кое го стекнува во образованието поткрепено со практиката, го мотивира по студиите да започне сопствен бизнис. Ги охрабрува и младите од нашава земја да ги следат ваквите примери.

Настанот се одвиваше според сите КОВИД-протоколи.