На социјалните мрежи низа од позитивни реакции по објавата на Претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска дека ќе се кандидира за градоначалник на Град Скопје.
Со поддршка за нејзината кандидатура излезе и врвниот стручњак, докторот на Клиниката за ортопедија Виктор Камнар.
- Доаѓа време успешните и докажаните да поставуваат стандарди.Данела Арсовска како твој пријател ти посакувам успех и среќа со кандидатурата и искрено верувам во тебе!Верувам дека ке ја исполниш желбата на нашите сограѓани повторно да го препознаеме нашето СКОПЈЕ. Нека е за убаво, твитна Камнар.
Денеска пак, Арсовска официјално ја објави нејзината кандидатура.
-Би сакала со Вас јавно да споделам и официјално ја објавам својата кандидатура како независен кандидат за градоначалник на Град Скопје и ја барам поддршката од сите Вас чесни луѓе кои сакаат промени. Време е да делуваме различно од досега, а времето не чека никого. Доаѓа крајот на политички агенди и лажни ветувања. Политички калкуланти, лаги и корупција континуирано ни ги одземаат шансите за нормален живот. Заткулисни игри предолго го окупираат градот и неговото функционирање, а незадоволството кај граѓаните континуирано се зголемува. Или ќе стоиме на страна или ќе се спротивставиме и ќе почнеме заедно да ги менуваме работите. Партизираност на институциите или одлучност и професионалност за пристоен живот! Време е да се одбере – празни ветувања, нереализирани проекти или вредни, способни и исполнителни личности кои нема да потпаднат под политички притисоци и нема да се откажат од својата визија. Ние како граѓани не бараме многу. Не бараме лажни ветувања кои никогаш нема да бидат исполнети од страна на политичарите. Напротив, ни требаат храбри личности кои ќе ги застапуваат нашите права и привилегии и ќе се грижат за нашите потреби за достоен живот како што заслужува секој еден граѓанин. Мора да имаме храброст и да кажеме “Ние заслужуваме подобро!”, пишува Арсовска во објавата на нејзиниот фејсбук профил.